Јанчева: ВМРО-ДПМНЕ и Арсовска да ја отстапат реконструкцијата на Универзална сала на Владата

 

Локалната власт во град Скопје е неспособна и за една и пол година нема реализирано ниту еден проект. Проектот за реконструкција на Универзална сала е закочен целосно. Без разлика дали станува збор за лични хирови на Арсовска или на шпицниот градоначалник Мицкоски,изјави на денешната прес-конференција Љубица Јанчева, координаторка на советничката група на СДСМ во Советот на Град Скопје.

Таа додаде дека реконструкцијата на еден од најважните објекти за Скопје е стопирана, а Универзална сала е во речиси руинирана состојба. Овој проект финансиски е поддржан од Владата со 120 милиони денари. Од нив искористени се 40 милиони што значи дека остануваат уште 80 милиони денари, доволни за реконструкцијата да се заврши.

Бидејќи Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ немаат намера да го довршат овој проект, ние како советничка група поднесовме иницијатива за времено отстапување на правото на користење од Град Скопје на Владата на Република Северна Македонија, вели Јанчева.

Таа ги повика сите советници од сите советнички групи да дадат поддршка на Иницијативата и овој објект да биде времено преземен од Владата, а по неговата реконструкција тој повторно ќе биде вратен на Градот.

Универзална сала е симбол на солидарноста и на Скопје, објект врежан во сеќавањето на генерации скопјани. Да не дозволиме овој објект да пропаѓа, туку да му го вратиме некогашниот сјај и повторно да биде еден од најважните културни објекти во државата,изјави Јанчева.

30.03.2023 - 12:16

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега