Развојот на туризмот е еден од стратешките приоритети на Владата, која преку инфраструктурни и развојни проекти ја подобрува туристичката понуда и ја зголемува поврзаноста со регионот и Европа, истакна денеска пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Јамалов.
Тој како еден од најзначајните проекти ја посочи изградбата на брзата железничка пруга Скопје – Солун, која според него ќе овозможи побрз пристап до морето и зголемен број туристички посети во двата правци, додека Гевгелија ќе се развие во значаен сообраќаен и економски центар.
„Почитувани, Развојот на туризмот е еден од стратешките приоритети на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Во изминатиот период се реализираат бројни инфраструктурни и развојни проекти кои имаат за цел да ја подобрат туристичката понуда, да ја зголемат поврзаноста на државата со регионот и Европа и да создадат нови можности за локалниот економски развој. Еден од најзначајните проекти е изградбата на брзата железничка пруга Скопје – Солун, која ќе претставува најголем инфраструктурен проект не само за Македонија, туку и за целиот регион на Југоисточна Европа“, изјави Јамалов.
Пратеникот посочи дека во Гевгелија се реализираат повеќе проекти, меѓу кои изградбата на западниот булевар, реставрацијата на старата чаршија, завршувањето на браната Конско со која ќе се добие ново вештачко езеро, како и реконструкцијата на патот до ски-центарот Кожуф.
Во делот на авиосообраќајот, Јамалов потенцираше дека преку програмата за субвенционирање од есента 2024 година досега се обезбедени 21 нова авиолинија од скопскиот и охридскиот аеродром, со што државата станува подостапна за странските туристи.
„Во исто време се инвестира и во модернизација на аеродромската инфраструктура. Реконструкцијата на охридскиот аеродром е во завршна фаза, со нов терминал, нова административна зграда и проширување на капацитетите за прием на патници и авиокомпании. Резултатите веќе се видливи, при што охридскиот аеродром забележува рекорд со повеќе од 3.000 опслужени патници во еден ден. Почитувани, Сите овие инвестиции се дел од јасна стратегија за развој на туризмот преку подобра инфраструктура, поголема поврзаност и создавање нови туристички содржини“, нагласи Јамалов.


