Развојот на туризмот е еден од стратешките приоритети на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, изјави денеска на прес-конференција пратеникот Александар Јамалов.

Тој посочи дека од почетокот на мандатот се спроведуваат конкретни политики и мерки со кои земјава се позиционира како сè поатрактивна туристичка дестинација.

„Истовремено се инвестира во подобра авионска, патна и железничка поврзаност, се создаваат подобри услови за нови инвестиции во туристичките капацитети и се обезбедува силна поддршка за руралниот туризам. Дека овие политики даваат резултати, потврдуваат и најновите показатели. Според извештајот на Светска банка, Македонија бележи најголем раст на авиосообраќајот и туризмот во регионот, со раст од 40 проценти на годишно ниво на бројот на патници во пристигнување“, изјави Јамалов.

Според него, позитивниот тренд се потврдува и преку официјалните статистички податоци за првите пет месеци од годината.

„Во првите пет месеци од годината бројот на странски туристи е зголемен за 23,6%, додека бројот на реализирани ноќевања е повисок за 18,7% во споредба со истиот период минатата година. Овие бројки се доказ дека Македонија станува сè попривлечна за странските посетители и дека туристичкиот сектор бележи стабилен раст. Особено значајно е што туристичката сезона повеќе не е ограничена само на летните месеци. Сè поголем број странски туристи ја посетуваат Македонија и поради културниот, историскиот и гастрономскиот туризам во текот на целата година. Тоа значи повеќе можности за локалните заедници, поголема работа за угостителите, туристичките водичи, занаетчиите и семејните бизниси, како и порамномерен економски развој во сите региони на државата“, рече тој.

Пратеникот нагласи дека паралелно со зголемувањето на прометот се работи и на олеснување на деловната клима и поддршка за руралните средини.

„Паралелно со зголемувањето на туристичкиот промет, Владата работи и на подобрување на условите за нови инвестиции во туристичката индустрија. Се поедноставуваат процедурите за изградба на нови сместувачки капацитети и се создава поповолна деловна клима за домашните и странските инвеститори, со цел да се збогати туристичката понуда и да се подигне квалитетот на услугите. Посебен акцент се става и на развојот на руралниот туризам. Преку Програмата за рурален развој се обезбедуваат финансиски грантови за инвестициите во руралните средини, со кои се поддржуваат земјоделците, малите семејни бизниси и преработувачките капацитети. На тој начин се создаваат нови туристички содржини, се отвораат нови работни места и се поттикнува развојот на локалната економија“, истакна Јамалов.

На крајот тој заклучи дека поддршката за овој сектор ќе продолжи и во иднина.

„Со јасна визија, конкретни инвестиции и континуирана поддршка, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да создава услови за понатамошен раст на туризмот, поголем број домашни и странски посетители и посилен економски развој на Македонија“, истакна Јамалов.

Exit mobile version