Јакимовски: Само една зграда во Карпош е онака како што бара законот
Градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски денеска во изјава за медиумите информира дека во неговата општина само една зграда е онака како што бара законот. Соопшти дека два ноќни клубови одбиваат да соработуваат со инспекторите.
-Морам да кажам дека овој пат одѕивот е многу голем. Досега се отповикале 330 влезови на згради. Општина Карпош има 820 згради и околу 1500 влезови. Досега одговориле 330 и уште 259 се јавиле на нашите телефони за дополнителни инструкции. Има 41 противпожарен апарат. Во 18 станови има исто така противпожарни апарати, има апарати за СО2 за гасење на пожар од електрична инсталација, има еден специјален систем за гасење пожари и панични светла итн. Само една зграда во Карпош е онака како што треба, како што бара законот, а тоа е зградата на Адора. За жал, за другите не можеме истото да го кажеме, рече Јакимовски.
Градоначалникот на Карпош соопшти дека оваа иста акција ја направиле и во 2022 година, каде од 1500 влезови, тогаш одговориле само 150, односно 10 отсто.
-Сега одѕивот е многу поголем веројатно како резултат на трагедијата во Кочани. Сите овие добиваат инструкции што се треба да направат од страна на нашите служби. Нашите служби се јавуваат во Дирекцијата за заштита и спасување, праќаат мејлови, но ги нема никаде. Дали се отселени на друга планета или што се случува со нив, за ние тоа да го работиме во координација за евентуално дополнителни инструкции да добиеме во оваа работа. За жал, тоа го работиме сами. Иако најодговорен за оваа работа се ДЗС, рече тој.
Што се однесува до почитувањето на еколошките стандарди, Јакимовски истакна дека проверени се 110 објекти и од таа бројка 90 се во ред.
-На 18 соодветните елаборати им се во постапка на изработка, еден е во тек на реновирање и на еден му е пишана казна затоа што и претходно било опоменува но не постапил согласно напатствијата на нашиот инспектор за екологија. Правните лица, односно фирмите секаде имаат противпожарни апарати, хидранти. Со правните лица имаме најмалку проблем, рече тој.
Јакимовски информира дека се проверени 115 ресторани, кафулиња, ноќни клубови, дискотеки кои, како што рече, сите имале противпожарни апарати.
-Со летните тераси, за 21 е пишана казна бидејќи воопшто не ја почнале постапката за обновување на дозволата и остатокот се во постапка за добивање на согласност во Градот Скопје. Со новиот Закон за локална самоуправа треба да се прекине со тоа двојство. Значи на територија на Општина Карпош ако издаваме одобрение за градби, треба исто така да издаваме и одобрение за овие тераси. Зашто ни се летни тераси? Ни се случува двојство. Честопати граѓаните не се сложуваат со она што е издадено, а тоа се прави без консултација на локалната самоуправа, рече тој.
Градоначалникот Јакимовски соопшти дека двата ноќни клубови не соработувале со инспекторите - „Пјур“ и „Мош“.
-Дури за едниот колегата има поведено постапка како дивоградба пред неколку месеци и кога го посетиле сопственикот го прашал зошто доаѓа, а колегата му кажал затоа што законот така бара. Сопственикот му одговорил дека и тој бил законот. Јас одговорно тврдам дека овие сопственици на ноќни клубови, на дискотеки, на кабариња, се буквално сива еминенција во средините во кои живееме и се дозволуваат малку повеќе од она што треба. Овие што одбиваат да соработуваат, ние ќе ја продолжиме постапката и ќе тераме до крај како што бара законот. И покрај оваа трагедија, вие да одбивате да соработувате со претставници на институција, а во исто време сте направиле нешто што не треба да го направите, потенцира градоначалникот Јакимовски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа