Во Основен суд Штип денеска започнува судскиот процес против 74-годишниот Денис Асанов, кој е обвинет за убиство на 79-годишна штипјанка со иницијали Б.Н. Обвинетиот изјавил дека не се чувствува виновен за делото што му се става на товар.
Кривичното дело се случило минатата година, а дел од телото на жртвата бил пронајден закопан во дворот од куќата на обвинетиот. Според исказот даден пред Основно јавно обвинителство Штип, како мотив биле наведени љубомора и нарушени лични односи. По жената се трагало неколку дена, откако нејзината сестра го пријавила исчезнувањето.
Според информациите на Министерство за внатрешни работи, на 24 октомври 2025 година, 84-годишната сестра на жртвата пријавила дека таа се оддалечила од домот. На 10 ноември, со судска наредба, бил извршен претрес во домот на Асанов, при што биле пронајдени траги од крв и други предмети поврзани со случајот.
По претресот, осомничениот бил лишен од слобода и му била определена мерка притвор. Како што соопшти МВР на 16 ноември 2025 година, дополнителните вештачења и разговори со обвинетиот придонеле за појаснување на начинот на извршување на кривичното дело.


