Израелската продуцентка Дана Еден (52), позната како авторка на наградуваната шпионска серија „Техеран“, вчера беше пронајдена мртва во хотел во центарот на Атина. Според првичните и неофицијални информации од грчката полиција, најверојатно станува збор за самоубиство.
Еден престојувала во грчката метропола поради снимањето на четвртата сезона од успешната серија на „Apple TV“, која во 2021 година освои и меѓународна награда Еми. Токму таа била иницијатор Атина да се користи како филмска локација која визуелно го заменува Техеран.
Нејзината продуцентска куќа „Donna and Shula Productions“ веднаш реагираше за да ги спречи гласините. „Ги отфрламе како лажни и неосновани гласините дека смртта на Еден била предизвикана од криминал или национализам“, соопштија од компанијата, апелирајќи јавноста да се воздржи од шпекулации во овие трагични моменти.


