Комисијата за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање денеска ќе го разгледува Предлог-законот за изменување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, во прво читање.

Со предложените измени се предвидува воспоставување поодржлив модел за финансирање на радиодифузната дејност преку средства од државниот буџет. Според образложението, финансирањето ќе биде ограничено на еден процент од реализираните даночни приходи утврдени во завршната сметка на Буџетот за 2023 година.

Предвидено е оваа основица за пресметка да се применува во период од пет години по влегувањето на законот во сила, со цел да се обезбедат стабилност и предвидливост во финансирањето на радиодифузниот сектор.

Во меѓувреме, Законодавно-правната комисија ќе разгледува повеќе законски решенија во прво читање, меѓу кои предлозите за изменување на Законот за упатување работници во странство, Законот за игрите на среќа и забавните игри, Законот за данокот на додадена вредност, како и предлог-законите за високи раководители и за соодветна и правична застапеност.

Exit mobile version