Изгласана недоверба на албанскиот претседател Илир Мета

Албанскиот парламент денеска изгласа недоверба на претседателот Илир Мета, пренесуваат албанските медиуми.

Со 104 гласа „за“, седум „против“ и два воздржани, албанскиот парламент изгласа смена на претседателот, што е прв пат во историјата на Албанија.

Сега, судбината на Мета ќе зависи од тоа дали Уставниот суд ќе ја потврди оваа одлука или не, што мора да се случи најдоцна во следните три месеци.

До гласањето за доверба на Илир Мета дојде по иницијативата на 55 социјалистички пратеници (партијата на Еди Рама) и истрагата на Специјалната комисија, чиј дел беа и пратениците од парламентарната опозиција.

Специјална парламентарна комисија во истрагата утврдила дека Мета треба да биде отстранет поради кршење на Уставот. Во извештајот на комисијата се наведува дека Мета прекршил 16 члена на Уставот пред општите избори во Албанија на 25 април, анализираат медиумите.

Сите 49 пратеници на владејачката Социјалистичка партија побараа истрага од парламентот, тврдејќи дека претседателот го прекршил Уставот пред и за време на изборната кампања не гарантирајќи го националното единство, туку поддржувајќи ја опозицијата на која тој и самиот политички припаѓа.

Мета ги осуди истрагата и обидот да се отстрани, тврдејќи дека се незаконски.

Макфакс

09.06.2021 - 20:15

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа