Изборен молк

На полноќ почнува изборниот молк и од утринава ќе почне гласањето, кое годинава за првпат ќе трае три дена поради актуелната ситуација со корона вирусот.

Според Роковникот за одржување на изборите, прво ќе гласаат оние кои се во домашен карантин заради позитивен тест на КОВИД 19 и лицата на кои им е определена мерка самоизолација. Тие ќе гласаат во своите домови, а гласањето ќе го спроведе посебен избирачки одбор формиран од ДИК.

Немоќните и болни лица, хронично болните, времено раселените лица, лицата згрижени во посебни установи за вонсемејна грижа, како и затворениците и оние кои се во домашен притвор, ќе гласаат во вторник, еден ден пред одржувањето на изборите.

Во среда, на денот на изборите, гласањето ќе започне од 7 часот, но ќе трае до 21 часот, односно ќе биде продолжено два часа подолго за разлика од претходните изборни циклуси.

Граѓаните ќе избираат меѓу кандидатите на 15 коалиции и партии. Право на глас имаат 1.814.263 граѓани запишани во Избирачкиот список.

Поради пандемијата со коронавирусот, гласањето ќе се одвива според безбедносни протоколи за заштита на здравјето на граѓаните подготвени од Комисијата за заразни болести.

Првичните резултати од гласањето добиени по електронски пат, Државната изборна комисија ќе ги објавува сукцесивно, а резултатите врз основа на податоците од записниците од ОИК во рок од 12 часа по завршување на изборите. Конечните резултати од изборите ДИК треба да ги објави најдоцна во рок од 24 часа од денот на завршувањето на изборите.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

12.07.2020 - 23:55

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега