Иван Крастев: Бугарија ризикува да падне во изолација во ЕУ со вето на преговорите на Северна Македонија

Евентуално вето од Софија на преговорите на  Македонија би било апсурдно бидејќи е спротивно на официјално декларираната политика на Бугарија за поддршка на евроинтеграциите на Западен Балкан, оценка од бугарската експертска фела, а од Парламентот порака дека во надминувањето на недоразбирањата меѓу двете земји може да помогнат и законодавните домови.

Бугарскиот политички аналитичар Иван Крастев во изјава за бугарски медиум вчера посочи дека не очекува Бугарија да го блокира почетокот на преговорите на Македонија со ЕУ бидејќи европската интеграција на Западен Балкан е стратешки важна за Бугарија, и оти при таков чекор Софија ризикува да се најде во тотална изолација во ЕУ

-Покрај тоа, токму во рамките на бугарското претседателство тоа стана приоритет за Брисел. Во оваа смисла, бугарското вето би било апсурдно. Само ќе изгледаме смешно. До вчера се боревме за отворање на ЕУ за Северна Македонија, денес сакаме да ги запреме. Не дека апсурдни работи не се случуваат, но убеден сум дека ниту Владата ниту претседателот не би дозволиле Бугарија да се најде во ситуација на тотална изолација во рамките на ЕУ, вели политикологот Крастев во интервју за бугарскиот весник „Дневник“.

Во однос на отвореното писмо од триесеттина бугарски интелектуалци, историчари, научници и јавни личности против појаснувачкиот меморандум што Софија го испрати до ЕК и земјите членки, во кој се изнесени сериозни тврдења и црвени линии на патот на Скопје кон ЕУ, Крастев оценува дека тоа е значајно, бидејќи меѓу неговите потписници се некои од најавторитетните бугарски историчари.

-Јас не сум историчар, но сметам дека обраќањето е важно, затоа што меѓу потписниците има некои од најавторитетните имиња во нашата историска наука, бидејќи тоа јасно покажува дека историските спорови не се и не треба да бидат спорови меѓу земјите, тоа се спорови меѓу историчари. И затоа што Европа не може да не разбере ако нашиот став е дека сите нации во Европа се „природни“ и само „македонската“ е вештачка и дека само Македонците во Европа не знаат на кој јазик зборуваат, вели угледниот бугарски аналитичар.

Според него, почетокот на преговорите меѓу ЕУ и Македонија не значи дека Бугарија ги прифаќа тезите на Скопје. – Едноставно, Брисел не може да ја замени потребата од сериозна историска наука, посочува аналитичарот Крастев.

Претседателот на Комитетот за надворешна политика во бугарскиот Парламент, адмирал Пламен Манушев, пак укажува на увереноста на премиерите на Бугарија и на Република Македонија, Бојко Борисов и Зоран Заев дека во следните денови ќе се најде решение за споровите меѓу двете земји, како и дека дека парламентите на двете земји, исто така, можат да помогнат во процесот на изнаоѓање решение.

-Процесот е исклучително интензивен и се надевам дека овие работи ќе се случат во наредните денови. Премиерот Зоран Заев и нашиот премиер се убедени дека ќе се најде такво решение. Министерката за надворешни работи Екатерина Захариева го искажа ставот на Бугарија пред нивниот министер за надворешни работи. Цврсто се надевам дека ќе најдеме решение за овој спор и ќе го започнеме процесот, рече Манушев, јави БГНЕС

 

 

 

Добивајте вести на Viber

13.10.2020 - 07:54

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега