Италијанската премиерка Мелони под истрага: „Нема да дозволам да ме заплашат“
Италијанската премиерка Џорџа Мелони денеска изјави дека е под судска истрага поради ненадејното ослободување на либискиот полицаец по кого Меѓународниот кривичен суд (МКС) издаде налог.
Осама Елмасри Нџим, познат и како Осама Алмасри Нџим, беше ослободен во Италија минатата недела, неколку дена откако беше приведен по налог за апсење издаден од МКС за наводни злосторства против човештвото.
Хашкиот суд побара објаснување и соопшти дека не бил консултиран за одлуката за ослободување на Нџим, пренесува Ројтерс.
Мелони во пораката објавена на социјалните мрежи рече дека обвинителите ја сомничат за проневера и помагање во кривично дело поврзано со овој случај.
„Нема да ме уценуваат, нема да дозволам да ме заплашат, поради што, на пример, не им се допаѓам на оние кои не сакаат Италија да се промени и да стане подобра“, вели Мелони во видеото објавено на Фејсбук.
Под истрага се и италијанскиот министер за правда Карло Нордио, министерот за внатрешни работи Матео Пјантедоси и потсекретарот за разузнавање на кабинетот Алфредо Мантовано.
Мелони нема обврска да поднесе оставка, а тоа што е ставена под истрага во Италија не значи вина, ниту пак дека нужно ќе следуваат формални обвиненија, наведува Ројтерс.
Таа рече дека цел на истрагата се и нејзините министри за правда и внатрешни работи и потсекретарот.
Владата на Мелони е на удар на опозицијата, групите за човекови права и самиот МКС поради ослободувањето на Ал Масри откако тој беше уапсен во Торино по налог на меѓународен суд.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа