Полските власти запленија речиси еден тон хероин, чија вредност на црниот пазар се проценува на неверојатни 52 милиони евра. Ова претставува најголема заплена на дрога во оваа земја во последните неколку години, потврдија официјалните служби.
Акцијата била реализирана по добиени оперативни согледувања во кои биле вклучени и странски служби.
Британските медиуми пишуваат дека припадници на полската полиција пронајдоа големо количество наркотици во контејнери што пристигнаа од Обединетите Арапски Емирати во балтичкото пристаниште Гдиња, а властите информации за пратката добиле од британската даночна администрација.
За тежината на спречениот шверц и опасноста по јавното здравје веднаш алармираше и полскиот министер за внатрешни работи, Марчин Кирвински.
„Не треба да ви кажувам што би се случило доколку такво количество од оваа ужасна дрога стигнеше до полскиот пазар“, рече полскиот министер за внатрешни работи Марчин Кирвински.
Шверцерите примениле софистициран метод за прикривање на нелегалниот товар, но полицијата го открила со помош на современа технологија.
Дрогата била скриена во пратка декоративни тули и била откриена со помош на рендгенска опрема, се додава во соопштението.
Полицијата веќе започна со приведување на инволвираните лица, додека меѓународната истрага продолжува за да се открие целата мрежа.
Во врска со случајот приведени се тројца полски државјани, а истрагата е сè уште во тек.


