Владата подготви сеопфатен план за раст на примањата во јавниот сектор, според кој вработените во администрацијата во следните две години ќе имаат за околу 40 проценти повисоки плати од денешните. Премиерот Христијан Мицкоски соопшти дека новиот колективен договор, кој ги опфаќа и обвинителската и судската служба, претставува прв ваков документ во историјата на државата.
Процесот на покачување започнува во април, кога платите ќе бидат пресметани со линеарно нивелирање и дополнително зголемување од 8 отсто.
„Така ќе биде во април 2027-ма, така ќе биде во април 2028-ма. Значи дека за некаде отприлика две години од денеска вработените ќе имаат повисоки примања за 40-тина проценти од тоа што го имаат денес. Овој договор претставува прв од таков вид којшто некогаш владата го потпишала со овие вработени“, истакна Мицкоски.
Со овој договор се опфатени околу 10.000 вработени, со што, според премиерот, државата регулира дури 99 отсто од односите со вработените каде што таа се јавува како работодавач. Потпишувањето на конечниот текст се очекува на почетокот на следната недела.

