Во поројните дождови и одрони на земјиште што го зафатија Виетнам минатиот викенд досега загинаа најмалку 43 лица, соопштија локалните власти.

Уште девет лица се водат како исчезнати, информира Агенцијата за управување со катастрофи во земјата. Речиси 70.000 куќи сè уште се поплавени, принудувајќи илјадници луѓе да се евакуираат. Многу жители беа принудени да избегаат од надојдените води качувајќи се на покриви.

Во поплавите загинаа и десетици илјади животни. Локалните медиуми ја опишаа ситуацијата како „историска поплава“.

Најтешко погодени области се градот Куј Нон, популарното крајбрежно одморалиште Ња Чанг и други делови на централен Виетнам. Многу патишта беа блокирани од паднати карпи и одрони, што го наруши сообраќајот. Властите добија стотици повици за помош од погодените заедници. Метеоролозите прогнозираат дополнителни врнежи во текот на викендот.

Претходно овој месец, десетици луѓе веќе загинаа кога обилни дождови предизвикаа сериозни поплави во централен Виетнам. Особено погодени беа туристичките места Хуе и Хои Ан, обете локалитети на светското наследство на УНЕСКО.

Exit mobile version