Тројца пожарникари од Куманово биле физички нападнати во кругот на Територијалната противпожарна единица, соопштија денеска од Синдикатот на пожарникарите на Македонија. Инцидентот, во кој напаѓачите користеле тупаници и камења, се случил пред самиот објект на единицата додека пожарникарите биле на должност.
Од Синдикатот на пожарникарите при НСДА најостро го осудија насилството, нагласувајќи дека нападот врз службени лица кои се во служба на заедницата е недозволив, објави 4news.mk Тие упатија барање до МВР и Обвинителството итно да ги процесуираат напаѓачите до надлежниот суд, потенцирајќи дека за напад врз овластено лице мора да се сноси кривична одговорност.
Нападот го осуди и градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски. Тој апелираше за брза реакција на институциите и порача дека сторителите мора да одговараат согласно законот. Димитриевски истакна дека пожарникарите заслужуваат почит за нивната хумана професија, а на повредените им посака побрзо закрепнување.
СВР Куманово веќе презеде мерки и приведе две лица на 32-годишна возраст во врска со инцидентот, објави 4news.mk Според полициското соопштение, лицата Љ.Г. и Ф.С. се сомничат дека физички го нападнале 35-годишниот вработен во единицата, С.С. По целосно документирање на случајот, против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави.
Од Општата болница во Куманово потврдија дека кај нив е примено едно лице со повреди на главата. По укажаната лекарска помош, повредениот пожарникар е пуштен на домашно лекување.


