Исмаил: Националната развојна стратегија е историски промашена, методолошки неточна и идеолошки изгубена

 


,,Во многу нешта не се согласувам со оваа стратегија и мислам дека е историски промашена, методолошки неточна и идеолошки изгубена", истакна пратеникот и потпретседател на Левица, Реџеп Исмаил, на 17-тата седница на Собранието на Р. Македонија, по однос на Националната развојна стратегија 2024-2044 година.

- За документ како што е една стратегија за национален развој, особено, од еден ваков период, треба сериозно да се размисли и треба сериозно одбрани луѓе да работат на неа, а не тоа да бидат собрани ,ојлевци - дојлевци' и други институции, коишто немаат врска со едни такви стратешки документи - потенцираше Исмаил.

Пратеникот од Левица даде осврт како кон процесот на изработка на овој стратешки документ, така и кон несоодветното дефинирање на стратешките области, што според Исмаил, е показател за несериозниот пристап на изготвувачите.

- Очигледно, Стратегијата доаѓа од констатација на сегашните состојби и проекција на иднината. Клучно што недостасува во овој процес е ретроспективна анализа за да се види кои се причините - зошто ние имаме такви состојби. Самиот речник за тие стратешки области е само желба на оние што ја изработиле Стратегијата, а не констатација дека тоа се области, за понатаму во нивниот домен да ги развиеме и да дојдеме до некое почитувано ниво.
На пример, се вели дека стратешка област е ,Социјален баланс и демографија'. Значи, имате ,Социјална соатојба и демографија', па отпосле ќе сакаме да постигнеме социјален баланс. Има стратешка област ,Дигитална и зелена економија'. Значи, треба да биде област ,Економија', па после ќе видиме дали ќе ја направиме дигитална и зелена. Во ваквото дефинирање се гледа несериозноста во целата оваа стратегија - образложи Исмаил.

Според него, оваа стратегија не допира клучни проблеми, со какви и сега се соочува Македонија како: губењето на суверенитетот, територијалниот интегритет и унитарноста. 

- Ставате фокус на приватизација и странски инвестиции. Ако од една страна сакате да имате зајакнување на јавен сектор, а од друга страна приватизација - тоа едно со друго не оди. Оттука и - ризикот на зависност на Р. Македонија: и енергетска и од увоз. Вие поттикнувајќи го со јавни средства претприемништвото, го ослабнувате јавниот сектор во областите како што се: образованието, здравството - додаде Исмаил.

- Според Стратегијава, образованието ќе било пазарноориентирано - ќе сме произведувале кадри за пазарот. Тоа значи дека, според стратешкиов документ, нема да ги образоваме нашите студенти, туку ќе правиме работници за странските директни инвестиции што се приоритет на оваа стратегија и за индуструските капацитети на европските држави кои ни ги земаат нашите кадри, така што во оваа стратегија за овој проблем нема ништо - поентираше потпретседателот на Левица.

30.10.2024 - 10:59

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега