Службите на Општина Центар со тешка механизација и камиони расчистија дива депонија во населбата Маџир Маало. Акцијата опфати површина од околу 150 квадратни метри, при што се собрани и транспортирани над 12 тони мешан отпад во депонијата „Дрисла“.
Од Општина Центар информираат дека ова е само дел од поширокиот план за расчистување на депонии на повеќе критични локации низ целата територија на општината. Градоначалникот Горан Герасимовски истакна дека хигиената останува приоритет.
„Нема да дозволиме ниту еден дел од општината да биде запоставен. Континуирано чистиме и интервенираме за подобра јавна хигиена. Но, ова е и заедничка одговорност. Апелирам до граѓаните да ја чуваат животната средина и да не фрлаат отпад на недозволени места“, порача Герасимовски.
Општинските служби ги повикаа граѓаните активно да се вклучат и да пријавуваат диви депонии за нивно навремено отстранување, со цел да се спречи загадувањето на воздухот и почвата кое директно влијае врз здравјето на граѓаните.

