Институтот за радиологија одбележа 75 години постоење
ЈЗУ Институт за радиологија – Скопје денеска во Музејот на македонска борба за самостојност одбележа 75 години од постоењето.
Пред присутните се обрати министерот за здравство Беким Сали, а обраќање имаше и ректорот на УКИМ, проф д-р Никола Јанкуловски, како и медицинскиот директор на Универзитетескиот институт, д-р Гордана Антулеска – Белческа.
– Токму овој Универзитетски институт е референтен центар во националната скрининг програма, организирана и спроведена од Министерството за здравство. За таа цел, оваа институција обезбедува двајца радиолози и двајца радиолошки технолози. Од Министерството за здравство ќе биде обезбеден мамограф со томосинтеза и стереотаксична биопсија, како и ултразвучен апарат за дојка, кои секако ќе се користат и за редовно закажаните пациенти преку Мој термин, со цел подигнување на нивото и квалитетот на прегледот, истакна министерот Сали.
Ректорот Јанкуловски рече дека денешниов ден претставува исклучително важен датум во календарот на историјата на македонското здравство, но и на развојот на високото образование и научната мисла во нашата држава.
– Во оваа пригода не можеме, а да не се потсетиме и на институционалните зачетоци на националниот образовен систем во Македонија, бидејќи токму Медицинскиот факултет е еден од неговите први конститутивни и најважни основни столбови. Преку постојаната комуникација со водечките европски и светски медицински факултети и универзитетски клиники, интенцијата е да се подигне квалитетот како на едукативната и научната дејност, и едновремено, перманентно да ја развиваме и усовршуваме и здравствената дејност, истакна ректорот Јанкуловски.
Медицинскиот директор на Универзитетскиот институт, д-р Антулеска – Белческа посочи дека здравствената дејност што ја вршат Медицинскиот факултет и Клиниката за радиологија е високо диференцирана и претставува столб на македонското здравство.
– Сакам во оваа прилика да изразам благодарност на сите оние кои не штедејќи се себеси се вградиле во развојот и респектабилност на оваа установа, пензионерите, кои својот работен век го посветиле на развојот на истата, имплементирајќи ги етапно процедурите, а со тоа и себе во развојот на радиологијата, придонеле таа да се вброи во редот на установи со високо реноме во земјата, но и надвор од неа. Да се заблагодарам на вработените кои секојдневно се соочуваат со проблеми од преголемиот наплив на пациенти, горда сум што сум дел од тимот, благодарност до организацискиот директор и неговата поддршка, благодарност до нашите соработници со кои долги години успешно соработуваме и заедно напредуваме, додаде д-р Антулеска – Белческа.
За историјатот на институтот зборуваше проф Д-р Миодраг Врчаковски. Меѓу присутните гости беа и пензионирани професори, специјалисти и останат медицински кадар и друг кадар кој има значаен белег во континуираниот напредок на Универзитетскиот институт за радиологија. Модератор на настанот беше Сашко Коцев.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа