Инспекторите тресат сендвичара во Аеродром: Затворена е поради случаи на салмонела
По добиено известување од ЈЗУ Центар за јавно здравје Скопје, за сомнеж за можно труење, инспекциските служби на Агенција за храна и ветеринарство во координација и соработка со стручни лица од Центарот за јавно здравје, Институтот за јавно здравје и Државниот здравствен и санитарен инспекторат, вчера, 10.07.2024 година, спроведоа вонреден инспекциски надзор во сендвичарница во скопски Аеродром.
Основ за вонредната инспекциска контрола се пријавени 9 случаи, од кои 5 лица лабораториски потврдени со наод на Салмонела (Salmonella infection), 3 лица со гастроентероколитис (Gastroenterocolitis) и едно лице со Intoxicatio alimentaris (труење со храна).
„При контролата констатирана е задоволителна санитарно – хигиенска состојба во објектот. Сосовите со мајонез и кечап ,како и плескавици и пилешки стек се од сопствено производство кои се доставуваат до објектот со соодветно возило за транспорт, а редовно се воделе и записи за добра хигиенска и производствена пракса. Вработените лица утврдено е при вонредниот надзор, биле со уредни санитарни книшки.
За утврдување на причинителот на инфекциите, земени се 5 мостри од храна и тоа мајонез, кечап,стек, плескавица и марула, 4 бриса од работни површини и опрема, и 3 од вработените лица. Издадено е решение за забрана за подготовка и послужување на храна се до добивање на негативни резултати, како превентива за можно ширење на заразата, спроведување на вонредни санитарни прегледи,темелно механичко и хемиско чистење“, информираат од АХВ.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа