Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, се соочи со протести и инциденти за време на денешната посета на бугарскиот град Варна. Колоната возила во која се наоѓаше таа, заедно со бугарскиот премиер Румен Радев, беше гаѓана со јајца, овошје и зеленчук од насобрани демонстранти кои го изразија своето противење на нејзиното доаѓање.
Протестот беше организиран пред Военопоморската академија „Никола Јонков Вапцаров“ од приврзаници на бугарската националистичка партија „Преродба“ (Вазраждане). Учесниците извикуваа „Урсула, не си добредојдена!“ и „Варна сака мир, а не војна!“, носејќи транспаренти со пораки „НАТО надвор“, „Сакаме нашите деца да живеат во мир“ и „Работа, а не војна“, напишани и на англиски и германски јазик. Главниот револт кај граѓаните беше насочен кон политиката на ЕУ кон војната во Украина и стравот од вовлекување на Бугарија во конфликтот, а дел од присутните изразија незадоволство и од најавеното воведување на еврото.
„Варна и цела Бугарија сакаат мир. Ова е мирен протест против посетата на Урсула фон дер Лајен, бидејќи таа стана амбасадор на војната“, изјавил еден од учесниците, пренесувајќи го ставот на демонстрантите преку бугарската национална телевизија БНТ.
И покрај протестите, посетата на Фон дер Лајен беше посветена на поморската безбедност и трговските патишта во Црното Море. Во разговорите со премиерот Радев беше најавена европска финансиска поддршка од вкупно 60 милиони евра – од кои 50 милиони се наменети за заеднички центар за поморска безбедност меѓу Бугарија и Романија, а 10 милиони за зајакнување на бугарските капацитети за пребарување и спасување.

