Министерот Иван Стоилковиќ преку видео снимка одговори на обвинувањата на ДУИ за наводна етничка дискриминација при отпуштањето на седум вработени од Министерството за односи меѓу заедниците.
Тој на Фејсбук го покажа, како што вели, „хаосот“ во канцеларијата каде што биле сместени овие службеници, иронично коментирајќи дека сега се испратени да си „спијат дома“.
Според Стоилковиќ, не станува збор за дискриминација, туку за неработење, а фактот што тие се членови на ДУИ го нарече „случајност“.
„Ова е канцеларијата во Министерството за односи меѓу заедниците, инаку претворена во ова што го гледате, во која ‘работеа’ вчера отпуштените службеници кои, по некоја случајност се од ДУИ. По документирањето на состојбата истите се испратени да си спијат дома. Толку“, напиша Стоилковиќ.

