Две деца на возраст од 5 и 12 години како и уште едно повозрасно лице кое имало 75 години се загинатите македонски државјани во сообраќајната несреќа која вчера се случи во Словенија.
Нивните двајца родители ја преживеале сообраќајната несреќа. Тие со хеликоптер на итната медицинска помош и со едно возило биле префрлени во болница но до овој момент се уште нема информации за тоа каква е нивната состојба.
Сите потекнувале од македонската општина Центар Жупа но работеле во Италија.
Информациите се уште официјално не може да се потврдат.
Македонското МНР само потврдува дека примило информации од словенечките колеги но не открива повеќе детали за случајот.
„ Ве информираме дека до Амбасадата на Република Северна Македонија во Љубљана е доставено официјално известување од словенечката полиција за тешка сообраќајна незгода што се случила на 27 август 2026 година на автопатот А1, во близина на Унец.
Во незгодата животот го загубиле три лица – едно полнолетно и две малолетни лица, државјани на Република Северна Македонија. Повредени се уште две лица кои се наоѓале во возилото и кои исто така се македонски државјани.
Случајот го обработуваат надлежните полициски органи во Копер. Амбасадата на Република Северна Македонија во Љубљана е во комуникација со надлежните словенечки институции и го следи понатамошниот тек на постапката.“ – се вели во соопштението на МНР.
Вчера попладне 3 лица, македонски државјани загинаа во сообраќајка во Словенија кога со автомобил удрија во камионска приколка паркирана покрај патот поради дефект.


