Илјадници нови случаи на инфекција со паразитот Cyclospora cayetanensis се регистрирани низ САД, и покрај претходните тврдења на властите дека ситуацијата е ставена под контрола.
Иако министерот за здравство и човечки услуги на САД, Роберт Ф. Кенеди Џуниор, пред десетина дена објави дека епидемијата стивнува, нови случаи постојано се пријавуваат, објави Futurism.
Според најновите податоци од американските Центри за контрола и превенција на болести (CDC), само во периодот од 21 до 28 јули се регистрирани околу 2.500 нови случаи. Од 1 мај досега се потврдени над 6.700 инфекции, додека повеќе од 11.500 други се во фаза на анализа.
И покрај тоа што инфекцијата предизвикува сериозни стомачни тегоби и ненадејна водена дијареја, досега не се регистрирани смртни случаи. Поради компликации, хоспитализирани се 423 лица.
Здравствените власти сè уште го бараат точниот извор на заразата. Компанијата „Тејлор Фармс“, главен снабдувач на синџирот „Тако Бел“, првично беше осомничена откако ФДА соопшти дека пронашла траги од паразитот во спакувана салата.
ФДА подоцна го повлече тоа тврдење објаснувајќи дека се работи за лажно позитивен тест, но компанијата сепак превентивно ги повлече производите од пазарот.
Според ЦДЦ, реалниот број на заразени е значително поголем бидејќи многумина се опоравуваат дома без да одат на тестирање. Најпогодени социјални средини се Мичиген и Охајо, при што само во Мичиген бројот на заразени надмина 10.000 лица. Инфекцијата досега не е регистрирана единствено во Монтана, Ново Мексико, Мејн, Јужна Каролина и Хаваи.
Епидемиолозите апелираат на темелно миење на овошјето и зеленчукот и соодветна термичка обработка на храната како главна мерка за заштита.


