Заклучно до 8 септември, во земјата се регистрирани 58 случаи на западнонилска треска, од кои 54 се потврдени, а четири се водат како веројатни, додека досега починале осум лица, информира Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) во најновиот извештај.

Во текот на изминатата недела (2-8.9.2026) пријавени се два нови случаи од Скопје и Свети Николе, а регистрирани се и два нови смртни исходи кај пациенти од Скопје.

Сите починати се мажи од Скопје со просечна возраст од 71,9 година. Сите биле хоспитализирани, а седуммина од нив имале претходни коморбидитети.

Од вкупниот број заболени (58), мнозинството се мажи (46), додека 12 се жени. Според местото на живеење, 55 случаи се од Скопје, а по еден случај е забележан во Велес, Куманово и Свети Николе. Според епидемиолошките податоци, 57 се автохтони случаи, а еден е со историја на патување во Грција, иако инкубацискиот период покрива и престој во Македонија.

Во однос на возраста, најзасегнати се лицата над 60 години — вкупно 47 пациенти (81,0%). Седуммина се на возраст од 50 до 59 години, едно лице е на возраст од 30 до 39 години, а три лица се на возраст од 20 до 29 години. Просечната возраст на сите заболени изнесува 66,1 година.

Почетокот на симптомите кај најголем дел од заболените (38 лица или 65,5%) е регистриран во текот на август. Кај 17 случаи симптомите се појавиле во јули, кај два во јуни, а кај еден случај во мај.

Сите 56 заболени со невроинвазивна форма на болеста биле хоспитализирани — 55 на Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби и еден во приватната болница „Аџибадем Систина“. Досега се испишани 43 лица (76,8% од хоспитализираните), додека пет пациенти сè уште се наоѓаат на болничко лекување.

Од ИЈЗ потсетуваат дека вирусот за првпат е регистриран во Македонија во 2011 година, при што од тогаш до крајот на 2025 година биле потврдени вкупно 54 случаи и пет смртни исходи. Во 2026 година е забележано значително зголемување и на бројот на заболени и на починати лица во споредба со претходните години.

Exit mobile version