Заклучно со денеска, во државата се регистрирани вкупно осум случаи на западнонилска треска, од кои седум се потврдени, а еден е веројатен, соопшти Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) во најновиот извештај.
Во текот на јули се потврдени пет нови случаи, од кои најновиот е регистриран во четвртокот минатата недела.
Регистрирани се шест автохтони случаи во Скопје и Велес, како и еден случај во Скопје каде лицето престојувало во Грција, но инкубацискиот период покрива и престој во Македонија.
Според половата структура, седум од заболените се мажи, а едно е женско лице.
Во однос на возраста, шест лица се на возраст над 60 години, додека две се на возраст од 50 до 59 години.
Сите пациенти развиле потешки симптоми на централниот нервен систем, односно невроинвазивна инфекција, и биле хоспитализирани, а тројца од нив во меѓувреме се пуштени на домашно лекување.
Западнонилската треска првпат во Македонија е регистрирана во 2011 година, а од тогаш до крајот на 2025 година се евидентирани вкупно 54 потврдени случаи и пет смртни исходи.
Од ИЈЗ потсетуваат дека ова вирусно заболување се пренесува преку каснување од заразен комарец, додека луѓето и цицачите се случајни крајни домаќини.


