ИЈЗ: 319 случаи на грип пријавени оваа недела, најмногу во Скопје
Во текот на 14. недела од 2025 година - од 31 март до 6 април, во Република Северна Македонија се пријавени 319 случаи на групни пријави за заболени од грип - заболувања слични на грипот. Тоа претставува за 37,6 отсто помалку во споредба со претходната недела. Бројот на пријавени лица оваа недела споредено со 14. недела од минатата сезона е зголемен за 2,1 пати, а во споредба со бројот за 14. недела од типичната епидемиска крива, моделирана од последните 14 сезони, зголемен е за 58,2 отсто. Пријавената инциденца е во рамките на вон-сезонска активност на вирусот на грип, наведуваат попладнево од Институтот за јавно здравје.
Новозаболените се пријавени од 19 ЦЈЗ/ПЕ, Скопје - 120, Куманово - 30, Гостивар - 28, Тетово - 23, а во останатите, бројот на заболени е помал или еднаков на дваесет.
Во текот на оваа недела, во 13 извештајни единици се регистрира многу ниска, а во шест - сезонска активност на вирусот на грип.
Во сезоната 2024/2025 вкупниот број на случаи на грип - заболувања слични на грипот изнесува 25.330, покажуваат податоците на Институтот. Во споредба со истиот период од минатата сезона, бројот на пријавени случаи е зголемен за 73,0 проценти, а во однос на моделот од последните 14 сезони, се регистрира зголемување од 23,0 отсто.
Заклучно со 14. недела, во државава вакцинирани се вкупно 72.294 лица со бесплатна или комерцијална вакцина против грип.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа