И Белгија го забрани TikTok во државните институции
Вработените во белгиската влада повеќе нема да смеат да го користат TikTok на своите службени телефони. Дека оваа кинеска апликација се забранува во белгиската влада соопшти премиерот на Белгија, Александер де Кро.
Де Кро појасни дека белгиското Собрание за национална безбедност предупредило на ризиците поврзани со големата количина податоци кои ги собира TikTok бидејќи апликацијата е во сопственост на кинеската компанија ByteDance и таа компанија е должна да соработува со кинеските известувачки служби.
„Тоа е реалноста и поради тоа е логично да се забрани користењето на TikTok на паметните телефони кои ги обезбедува сојузната влада. На прво место е сигурноста на информациите“ вели Де Кро.
TikTok на ваквата одлука реагираше со соопштение во кое се вели дека е разочаран и дека се базира на фундаментално погрешни информации. Компанијата објави дека корисничките податоци ги складира во САД и во Сингапур и дека гради податочни центри во Европа. Кинеската влада не може да ги присили останатите суверени нации да споделуваат податоци кои се складирани на нивна територија, изјави портпаролот на компанијата.
Европската комисија и Европскиот парламент минатиот месец го забранија TikTok на телефоните на вработените поради загриженост дека кинеската влада може да ги собира податоците на корисниците или да ги промовира своите интереси.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа