Хуманитарна акција во Белград: Граѓаните во редици да даруваат крв за повредените во Кочани

 


Во Институтот за трансфузија на крв во Србија има долги редици хумани белграѓани кои трпеливо чекаат да даруваат крв за, како што велат, нивните браќа, сите млади повредени во страотниот пожар во Кочани, кој ја остави во црно Македонија и целиот регион. Дел од повредените во страшниот пожар се пренесени на лекување во неколку соседни земји, меѓу кои и во Србија, во Ургентниот центар во Белград, како и во Воено-медицинската академија (ВМА), но и во болниците во Ниш.

На улицата Свети Сава 39 во Белград има гужви по ходниците, по скалите, во чекалните, луѓето се трпеливи за да ги направат сите лекарски прегледи и доброволно да даруваат крв. По ходниците е молк, се слушаат само лекари кои повикуваат на хумани доброволни дарители, пренесуваат српските медиуми.

Вчера и денеска на социјалните мрежи се споделуваат фотографии и видеа за долгите колони и големиот одѕив во Институтот за трансфузија на крв во Србија.

Во просториите на Институтот, граѓани за „Блиц“ раскажуваат како биле погодени од оваа страшна трагедија, а дел од нив денеска за прв пат даруваат крв.

Во нивните очи се гледа огромна солидарност и тага, некои останаа без зборови, повторувајќи само дека вакво нешто никогаш повеќе не треба да се повтори на Балканот, пишува медиумот.

Има и такви кои за прв пат доброволно даруваат крв, а еден од нив е и Милош Делиќ од Белград.

 

„Денеска сум првпат овде, но мојата сопруга е од Македонија и кога видов што се случи, секој од нас треба да дојде да даде крв и да помогне колку што можеме. Нејзин близок пријател беше пејачот Андреј од групата ДНК, кој за жал загина додека им помагаше на децата во пожарот. Во куќата има тага, но ќе помогнеме колку што можеме“, вели тој.

20.03.2025 - 17:46

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега