Со поддршка од над 60 професори, засегнати институции и установи, претставници на студентите, стручни лица и експерти, Министерството за образование и наука подготви нова законска регулатива за високо образование и наука, од која се очекува да обезбеди поквалитетна академска едукација и да ја поттикне научно – истражувачката дејност во државата.

Денес на прес конференција, министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска ги презентираше поважните аспекти на новите закони за високо образование, за квалитет во високото образование и науката и за научно – истражувачка дејност, од кои, првите два се веќе објавени на ЕНЕР системот и достапни за коментари и сугестии од јавноста.

„Споделувам убава вест за студентите кои со стипендија од државата студираат на најдобрите 100 светски универзитети или пак студираат во Македонија и се добитници на Инженерски прстен или се прогласени за најдобри студенти на универзитетот – тие ќе имаат предност при вработувањето на државните универзитети, како наставно – научен кадар. Ова е една од новините во Законот за високо образование“, рече Јаневска.

Нагласи дека утврден е нов начин на финансирање на високообразовните установи. Предвидена е развојна компонента и исклучителна компонента за успешност, односно повеќе пари за оние универзитети кои ќе се потрудат да исполнат одредени повисоки критериуми. Ова, како што рече министерката, ќе ја стимулира конкуренцијата, а конкуренцијата носи квалитет.

Exit mobile version