Хронологија на настани: Двојно убиство во Македонија за 12 денови

Две убиства во Македонија во временски период од 12 денови.

Се започнало на 22. ноември, кога велешкиот фризер Панче Жежовски не одговарал на повиците на ќерка му. Таа се посомневала дека нешто му се случило, па побарала помош од полицијата.

На 24. ноември, 74-годишниот фризер е пријавен во СВР Велес како исчезнат.

По три дена, на 27 ноември, во 7 и 20 часот, 14-годишната Вања Ѓорчевска излегува за на училиште, по што е киднапирана во влезот на зградата во којашто живее.

Од влезот е изнесена со врзани раце и нозе, во вреќа за спиење. Мајката на киднапираното дете, Зорица, околу 8.30 часот се јавила на 112 и пријавила дека ќерка и’ е исчезната. Надлежните институции денеска соопштија дека Вања Ѓорчевска е убиена истиот ден, во 10 часот, со пиштол. Таткото на девојчето, Александар, случајот го пријавува во полиција во 11 часот, на 27. ноември. Во меѓувреме, мајката побара помош од јавноста преку социјалната мрежа „Фејсбук“.

Апелот за исчезната Вања масовно се прошири на социјалните мрежи, и беше постојано споделуван од медиуми и граѓани цели седум денови, не само во Македонија, туку и во регионот.

На 27. ноември е пронајден опожарениот автомобил „цитроен“ на Жежовски кој бил употребен за грабнувањето на 14-годишното девојче.

Вчера, на 3. декември се пронајдени закопаните тела на двете жртви. Телото на Вања во околината на Скопје, а телото на Панче во околината на Велес.

Двете се предадени на обдукција.

За случајот, зад решетки се четири лица, меѓу кои и таткото на Вања.

А за првоосомничениот за двојните убиства, Љупчо Палевски - Палчо МВР вечерва распиша меѓународна потерница.

04.12.2023 - 22:14

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега