Дваесетгодишниот Јован Костадинов од Виница, кој спаси 21 живот во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани во март 2025 година, е еден од 16-те добитници на годинашната награда „Младинска храброст 2026“ (Young Courage Award).
Признанието го доделува Академијата „Раул Валенберг“, во соработка со Шведскиот институт и шведските амбасади, за млади луѓе на возраст од 13 до 20 години кои со своите постапки поттикнуваат позитивни промени.
Востановена во 2015 година во чест на Раул Валенберг, наградата им оддава признание на младите кои покажуваат извонредна храброст и морални вредности во своите заедници.
Наградата им оддава признание на млади кои и покрај ограничените ресурси, дејствували во духот на Раул Валенберг, покажувајќи исклучителна храброст и извонредна иницијатива. Годинава наградата достигна до повеќе земји од кога било досега, наведува Амбасадата на Шведска во Скопје.
Добитниците биле избрани од номинации поднесени од граѓани, училишта и амбасади од 15 земји, меѓу кои и Северна Македонија.
Церемонијата за доделување на наградите ќе се одржи идниот четврток, на 27 август, на Денот на Раул Валенберг во Стокхолм, а лауреатите од 25 до 28 август ќе учествуваат и во едукативната програма „По стапките на Раул“, која вклучува и средба со шведската министерка за надворешни работи, Марија Малмер Стенергард.
Во време кога улогата на младите во обликувањето на општеството премногу често се потценува, поважно од кога било е да ги препознаеме оние кои создаваат позитивни промени во своите заедници и пошироко преку храброст, морални убедувања и конкретна акција. Овогодишните добитници покажуваат како младите можат да ги претворат вредностите во дела и вистински да придонесат за подобар живот на другите, во духот на Раул Валенберг, вели Ана Уромби, генерална секретарка на Академијата „Раул Валенберг“.
Генералниот директор на Шведскиот институт, Мадлен Шестед, истакна дека ширењето на наградата во повеќе земји потврдува дека младинскиот ангажман е глобална сила.
Со својата ангажираност, добитниците на наградата „Младинска храброст“ покажуваат дека тие не се само иднината, туку веќе денес се клучни двигатели на позитивните промени, изјави Шестед.
Покрај Костадинов, меѓу наградените се и млади од Австралија, Канада, Грција, Унгарија, Монако, Црна Гора, Нов Зеланд, Норвешка, Полска, Србија, Шведска, Танзанија, Уганда и САД.


