Француските средношколци одлучија да продолжат со протестите низ земјата, оценувајќи дека понудениот пакет мерки од страна на владата за подобрување на образовниот систем не ги исполнува нивните клучни барања, пренесуваат медиумите.
По неодамнешните разговори со владините претставници, учениците истакнаа дека иако владата разгледувала предлози како ограничување на бројот на ученици во одделенијата, обезбедување финансиски средства за реновирање на училиштата и ревизија на контроверзниот систем за упис на универзитетите кој го сметаат за неправеден, сепак понуденото е недоволно.
„Не се исполнети сите наши барања. Ќе продолжиме колку што е потребно“, изјави Луј Летублон, претставник на средношколците.
Од друга страна, владата сè уште официјално ги нема потврдено сите мерки, а најавената прес-конференција со деталите беше одложена. Дополнителен предизвик за властите претставуваат и ограничените финансиски можности во услови кога јавниот долг на земјата се приближува до 120 отсто од БДП, што отвора прашања за одржливоста на какви било нови буџетски издатоци.


