Страшна трагедија се случи во Берлин откако избувна пожар во станбена зграда од 21 кат, при што едно дете го загуби животот, а повеќе лица се наоѓаат во критична состојба. Пожарот избувнал на четвртиот кат, а поради „зголемено оптоварување со материјали“ во станот, густ чад за кратко време ја исполнил целата зграда.
Противпожарните служби интервенираа со 170 лица, кои ги извлекуваа станарите со заштитни маски. За жал, неколку деца и еден возрасен биле извлечени во несвесна состојба.
„Три лица, од кои две деца, се здобија со повреди опасни по живот и мораа да бидат реанимирани. Едно дете, за жал, им подлегна на повредите подоцна во болницата“, пренесуваат германските медиуми изјави од итните служби.
Пожарот остави 20 домаќинства без покрив над главата, бидејќи становите се прогласени за невселиви поради чадот и прекинот на електрична енергија. Општината привремено ги сместува настраданите во локална спортска сала.


