Новороденче е пронајдено без знаци на живот во пренослив тоалет на музичкиот фестивал „Електрик Форест“ во американската држава Мичиген.

Телото на бебето било откриено во неделата од страна на работник за одржување при рутинско чистење на тоалетите во кампот на ранчот „Дабл Џеј Џеј“ во Ротбери, каде што се одржувал четиридневниот фестивал на електронска музика, објавува „Сан“.

Локалната полиција во моментов не ја соопштува точната возраст на новороденчето или дополнителни детали околу пронаоѓањето, нагласувајќи дека истрагата е активна, но и дека нема опасност за јавноста.

Надлежните служби апелираа до посетителите кои забележале сомнителни активности да се пријават во полиција и да помогнат во расчистување на случајот.

„И се заблагодаруваме на јавноста за нивната соработка и бараме луѓето да се воздржат од шпекулации на социјалните медиуми од почит кон истрагата и вклучените лица“, се вели во соопштението на државната полиција на Мичиген.

По повод тешкиот инцидент со реакција излегоа и организаторите на музичкиот настан, кои изразија жалење за трагедијата во нивниот камп.

„До семејството „Електрик Форест“, со скршена душа ја споделуваме оваа тешка вест со вас“, рекоа организаторите во објава на социјалните мрежи.

Менаџментот на фестивалот додаде дека е во постојан контакт и целосно соработува со државната полиција на Мичиген со цел брзо да се утврдат сите околности на овој трагичен инцидент.

Exit mobile version