Страотен инцидент се случил во училиште во рускиот град Краснојарск, кога ученик во осмо одделение вооружен со чекан нападнал свои соученици и подметнал пожар. Според првичните информации на руските медиуми, во нападот има повеќе повредени лица.
Како што пренесува „РИА Новости“, повикувајќи се на Министерството за внатрешни работи, ученикот прво фрлил запалена крпа во една од училниците, а потоа со предмет кој личел на чекан почнал да удира дел од учениците.
„Пет деца и еден наставник се повредени во нападот во училиштето во Краснојарск“, потврди извор за агенцијата ТАСС, додавајќи дека за среќа нивните животи не се во опасност.
Напаѓачот е веднаш приведен од страна на полицијата, а Истражниот комитет на Русија веќе отвори официјална истрага за мотивите на овој напад.

