Членот на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Центар, Сузан Хасан, на прес-конференција во Дебар Маало укажа на проблеми со објект на улицата „Орце Николов“, за кој граѓаните пријавуваат дека дел од површината зафаќа државно земјиште.

Хасан побара Општина Центар итно да ги провери наводите, да ја утврди фактичката и правната состојба на земјиштето и јавно да го информира населението за преземените мерки.

Покрај конкретниот случај, од ВМРО-ДПМНЕ отворија прашање за капацитетот на локалната градежна инспекција и за насобраните предмети во општинските фиоки.

Дополнително, се отвора сериозно прашањето за капацитетот на градежната инспекција, која според нашите информации во моментот не ни постои. Според информациите што ги добиваме, во Општина Центар има околу 3.000 нерешени пријави од граѓани. Овие податоци бараат официјална потврда од Општината – изјави Хасан.

Таа упати директно прашање до градоначалникот Горан Герасимовски околу динамиката за решавање на барањата на жителите.

Господине Бетон Герасимовски, ако сега започнете да ги решавате наталожените проблеми. Колку време ќе им биде потребно на граѓаните за да добијат одговори? Општината не смее да биде заглавена во административни проблеми, додека граѓаните чекаат институциите да си ја завршат работата – порача таа.

Од опозициската партија потсетија на изборните ветувања дадени за време на кампањата во 2025 година.

Во јавните настапи за време на кампањата во 2025 година, Бетон Герасимовски заедно со неговиот ментор Филипче ја истакнуваа непосредната комуникација со граѓаните и средбите „од врата до врата“. Но, граѓаните очекуваат таа комуникација да донесе и конкретни институционални резултати – додаде Хасан.

На крајот од изјавата, таа ги сумираше барањата упатени до општинската администрација.

Затоа бараме Општина Центар да го разјасни статусот со пријавата на овој објект, да ја оспособи градежната инспекција и да започне со решавање на 3000 пријави од граѓани кои што се моментално во фиока. Граѓаните не бараат невозможна работа. Бараат функционална општина, законито постапување и одговори на пријавите што ги поднесуваат – заклучи Хасан.

Exit mobile version