Силното зимско невреме што го погоди Италијанскиот брег и дел од Медитеранот предизвика огромни материјални штети, а првичните процени покажуваат дека само на Сицилија загубите изнесуваат околу 740 милиони евра.
Високи бранови, силен ветер и обилни врнежи од дожд нанесоа сериозни оштетувања и на островот Сардинија, додека на копнениот дел од Италија најпогоден е јужниот регион Калабрија.
Невремето „Хари“, кое беснее со денови, целосно ги поплави плажите на Сицилија, а бројни крајбрежни патишта беа под вода. Силниот ветер кршеше излози и оштети угостителски објекти. Сериозен инцидент е регистриран и на железничката линија меѓу Месина и Катанија, каде што дел од пругата остана да виси во воздух откако надојдената вода го однесе земјиштето под неа. Според надлежните, висината на брановите на одредени места достигнала и до 16 метри.
Претседателот на регионот Сицилија, Ренато Шифани, најави итна финансиска помош во износ од над 140 милиони евра за санација на штетите. И властите на Сардинија информираа дека штетите се проценуваат на неколку стотици милиони евра, а погодени се и помалите острови, меѓу кои Липари и Стромболи.
Последиците од невремето „Хари“ се почувствуваа и во други медитерански земји, вклучително и Малта, додека во Грција најмалку две лица го загубија животот.

