Франција се соочува со сериозен недостиг на гориво откако илјадници возачи побрзаа да ги наполнат резервоарите по воведувањето на ограничувањата на цените. Според податоците на Министерството за енергетика, околу 900 бензински пумпи веќе останале без барем еден вид гориво, додека некои медиумски проценки велат дека бројката на погодени локации достигнува и до 1.600.
Ситуацијата е најкритична кај гигантот „TotalEnergy“, каде логистичките проблеми не можат да ја задоволат нагло зголемената побарувачка. Цената на дизелот во земјата достигна рекордно ниво од 2,25 евра за литар, што е директна последица на глобалниот енергетски шок предизвикан од конфликтот на Блискиот Исток и блокадата на стратешкиот Ормуски теснец.
Француската влада се обидува да ја смири јавноста, тврдејќи дека во моментов се погодени помалку од 10% од пумпите. Портпаролката Мод Брежон порача дека државата располага со 100 милиони барели стратешки резерви и дека ќе реагира доколку снабдувањето биде дополнително загрозено.


