Натпреварот меѓу Франција и Ирак, кој вечерва се игра во Филаделфија во рамките на второто коло од групата И на Светското првенство 2026, се најде под закана од силно невреме.
Според локалните метеоролошки служби, за подрачјето на Филаделфија е издадено предупредување за силни бури, обилни врнежи, силен ветер и грмежи во периодот кога треба да се одигра натпреварот на стадионот „Линколн Фајненшел Филд“.
Поради временските услови, организаторите го одложија отворањето на стадионот и испратија апел до навивачите привремено да не тргнуваат кон арената.
„Поради неповолните временски услови во регионот, отворањето на капиите ќе биде одложено. Доколку не сте во близина на стадионот, ве молиме засега да не патувате. Новиот термин за отворање ќе биде соопштен по минувањето на невремето. Ако се наоѓате во близина на стадионот, побарајте засолниште“, соопштија организаторите.
Капиите подоцна беа отворени околу половина час подоцна од планираното, а почетокот на натпреварот засега останува закажан според предвидениот распоред.
Поради невремето беше затворена и ФИФА навивачката зона во Филаделфија, додека метеоролозите предупредуваат дека нестабилното време би можело да продолжи и во вечерните часови.
Лошото време го зафати и подрачјето околу стадионот „МетЛајф“ во близина на Њујорк, каде подоцна треба да се одигра натпреварот меѓу Норвешка и Сенегал.
Поради временските услови е откажано и организираното јавно следење на тој натпревар во комплексот каде што се одржува тенискиот турнир УС Опен.
Според правилата на ФИФА, натпреварите се прекинуваат доколку се регистрира молња во радиус од околу 13 километри од стадионот.
Прекинот трае најмалку 30 минути, а доколку во меѓувреме се појави нова молња, одбројувањето започнува одново.
Во случај на прекин, фудбалерите ќе се повлечат во соблекувалните, а навивачите ќе бидат упатени да ги напуштат трибините и да побараат засолниште, согласно безбедносните протоколи што важат на Светското првенство во САД, Канада и Мексико.
Франција и Ирак играат натпревар во кој „триколорите“ со евентуална победа можат уште вечерва да обезбедат пласман во шеснаесетфиналето на Мундијалот.


