Лишени од слобода 12 возачи за безобѕирно управување возило, од нив тројца малолетници возеле без возачка дозвола
Во текот на изминатото деноноќие на целата територија на државата, полициските службеници лишија од слобода 12 возачи, од кои седум за управување возило без возачка дозвола, три за возење и покрај тоа што имале активна забрана за управување возило и по еден за возење под дејство на алкохол и со брзина поголема од дозволената.
Од седумте лишени за возење без возачка дозвола, тројца се малолетници. Еден малолетник од тетовско управувал возило, а по еден малолетник во Крива Паланка и Неготино управувале мопеди без дозвола. Останатите четири возачи за истиот прекршок се лишени во Скопје, Штип, Кичево и Битола. Двајца возачи во Скопје и еден во Кичево управувале возило со активна забрана. Додека еден возач во Ресен управувал трактор со 2,83 промили алкохол во крвта и еден возач во Битола управувал возило со брзина поголема од дозволената. По целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол и сите заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај.

