Десетина студенти се најдоа во „правен и финансиски ќорсокак“ откако Државниот просветен инспекторат утврди дека биле незаконски запишани на магистерски и докторски студии на Филозофскиот факултет при УКИМ, иако немале завршено соодветни додипломски студии, објави МКД.мк.

Откако инспекторите констатираа неправилности и наложија поништување на уписите, студентите останаа без статус, но и без уплатените средства, кои за магистерски студии изнесуваат од 2 до 3 илјади евра, а за докторски и до 5-6 илјади евра.

Студентите се обидуваат да ги добијат средствата назад, но од Деканатот на Филозофскиот факултет засега нема одговор. Поради ова, дел од засегнатите веќе ангажирале правна помош и најавуваат тужби.

Министерството за образование (МОН) во својот одговор потврди дека инспекторатот постапил по пријава и донел решенија за поништување на уписите поради неисполнување на условите од Законот за високо образование. Сепак, од МОН појаснуваат дека враќањето на парите и отштетата не се во нивна надлежност, туку се работи за прашања што треба да се решаваат преку судски постапки.

Во овој период, кога се случиле спорните уписи, актуелниот декан Оливер Бакрески ја извршувал функцијата продекан.

Exit mobile version