Претседателот на САД, Доналд Трамп, упати јасен ултиматум до иранските власти – доколку до среда вечерта не се постигне договор за продолжување на прекинот на огнот, американската војска ќе продолжи со нападите.

Во телефонско интервју за CNBC, Трамп истакна дека нема намера да го продолжи примирјето. „Очекувам дека ќе бомбардираме, бидејќи мислам дека тоа е подобар пристап“, рече тој, додавајќи дека американската армија е подготвена да дејствува и се наоѓа во состојба на висока готовност. „Не сакам да го правам тоа. Немаме многу време, тие мора да преговараат“, потенцира претседателот.

Трамп ги критикуваше иранските власти поради односот кон демонстрантите, обвинувајќи ги за убиства на десетици илјади невооружени луѓе. Тој се закани со „многу силни мерки“ доколку продолжи насилството од страна на режимот.

Во однос на потенцијалните воени цели, како мостови и енергетски постројки, Трамп појасни: „Тоа не е мој избор, но би влијаело врз нив воено. Тие ги користат мостовите за преместување оружје и ракети“.

Американскиот претседател го оцени иранското раководство како „цврсто“ и „крволочно“, но порача: „Ако постигнат договор, повторно можат да станат силна и успешна земја“. Истовремено, тој ги критикуваше ставовите на лидерот на демократите, Хаким Џефрис, оценувајќи дека јавните критики им штетат на преговорите, пред очекуваната посета на американската делегација на Пакистан.

Exit mobile version