Воените операции на Блискиот Исток и конфликтот во Иран предизвикаа сериозни потреси на глобалниот пазар на енергија. Цената на суровата нафта веќе надмина 100 долари за барел, што доведе до драстично поскапување на горивата ширум Европа и појава на првите недостизи во одредени земји.
Иако од Брисел смируваат дека стратешките залихи се стабилни, државите поединечно веќе воведуваат механизми за заштита на потрошувачите.
Ограничување на цените во Германија и Австрија
Австриските власти најавија дека од понеделник ценовниците на бензинските пумпи ќе можат да се менуваат најмногу трипати неделно. Германија оди чекор подалеку со најава за законски измени.
„На бензинските пумпи ќе им биде дозволено да ги зголемуваат цените на горивата само еднаш дневно. Од друга страна, намалувањето на цените ќе биде дозволено во секое време. За да се направи ова, мора да се промени антимонополскиот закон“, изјави Катерина Рајхе, министерка за економија и енергетика на Германија.
Грција во борба против профитерството
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис предупреди дека државата ќе биде будна за да спречи евентуални шпекулации на пазарот во ек на кризата.
„Очигледно е дека не можеме да се справиме со зголемувањето на цените на горивата и основните производи, но испраќаме порака дека овие превирања не треба да доведат до шпекулации, што би ја влошиле ситуацијата. Следиме, постојано ќе бидеме будни за понатамошните економски последици од кризата“, оцени Мицотакис.
Блокада на Ормутскиот теснец
Кризата дополнително се усложнува поради загрозените рути за транспорт. Фатих Бирол, извршен директор на Меѓународната агенција за енергија, предупредува дека опциите за замена на енергенсите се ограничени.
„Околу 25 проценти од светската трговија со нафта и деривати поминува низ Ормутскиот теснец. Но, има малку опции за замена на недостасувачките количини течен природен гас од Катар и Емиратите“, вели Бирол.
Покрај нафтата и гасот, Европа се соочува и со недостиг на керозин, бидејќи 30 проценти од европскиот пазар зависи токму од испораките од Персискиот Залив кои моментално се блокирани.


