Гутереш изрази загриженост поради забраната девојките во Авганистан да студираат
Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш изрази длабока загриженост поради одлуката на талибанците да им забрани на девојките да посетуваат факултет во Авганистан. Гутереш апелираше до талибанските власти да „обезбедат еднаков пристап до образование“ на сите нивоа, изјави неговиот портпарол Стефан Дижарик. „Генералниот секретар повторува дека негирањето на образованието не само што ги крши еднаквите права на жените и девојчињата, туку ќе има разорно влијание врз иднината на земјата“, се вели во изјавата на портпаролот.
Талибанските власти вчера одлучија да им забранат на жените да одат на факултет. Забраната доаѓа за помалку од три месеци откако неколку илјади девојки и жени полагаа приемен испит на универзитетите низ земјата. На средношколките претходно им беше забрането да одат на училиште. Талибанците, кои се вратија на власт во август 2021 година, ветија дека ќе бидат пофлексибилни, но во голема мера се вратија на строгото толкување на исламот што го одбележа првиот период од нивното владеење од 1996 до 2001 година.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа