Поранешниот вицепремиер Артан Груби останува во домашен притвор. Од Кривичниот Суд информираат дека Груби бил изведен пред судот и поминал повеќечасовни процесни дејствија, но не се произнел за сомнежите што се предмет на истрагата пред јавен обвинител.
Поранешниот прв вицепремиер и министер за односи меѓу заедниците беше приведен на граничниот премин Блаце, по повеќе од една година помината во бегство. Досега се уште нема дадено официјален исказ пред надлежниот јавен обвинител за ниту едно од делата за кои се товари.
– Денеска (23.2.2026) во 6:10 часот, на граничниот премин Блаце, при влез во државата, лишен од слобода е Артан Груби (48), кој беше баран со меѓународна потерница за спроведување истрага за кривично дело по член 354 став 5 во врска со став 3 и став 1, а во врска со член 22 од Кривичниот законик – информираа тогаш од Министерството за внатрешни работи.
Груби се сомничи за проневера во „Државната лотарија“, каде заедно со Перпарим Бајрами е под истрага за наводен криминал тежок осум милиони евра, поврзан со набавка на ВЛТ-апарати.

