До минатото лето, најголемата закана за капачите во Евбејскиот Залив, кој го дели грчкиот остров Евија од копното, беа виолетовите медузи. Денес, вниманието на грчките власти е насочено кон многу посериозна опасност – инвазивната зајачка риба (Lagocephalus sceleratus), позната и како сребрест пуфер, која поради затоплувањето на морето сè побрзо се шири низ Медитеранот.
Станува збор за вид кој потекнува од Индо-Пацифичкиот регион и преку Суецкиот Канал навлегол во Средоземното Море. Научниците предупредуваат дека климатските промени и повисоките температури на морската вода создаваат идеални услови за негово размножување, поради што денес е присутен во голем дел од источниот Медитеран.
рчкиот Црвен крст издаде предупредување до граѓаните, советувајќи ги веднаш да побараат лекарска помош доколку бидат каснати од оваа риба. Нејзините исклучително силни вилици можат да предизвикаат длабоки повреди, сериозни оштетувања на ткивото и обилно крварење. Освен тоа, експертите предупредуваат дека оваа риба не смее да се консумира под никакви околности, бидејќи содржи тетродотоксин – еден од најсилните природни невротоксини, кој може да биде смртоносен дури и во многу мали количини. За овој отров не постои противотров.
Поради ова, локалните власти во Халкида презедоа мерки какви што досега не биле применети во Грција. По должината на плажите започна поставување специјални лебдечки бариери, чија цел е да спречат навлегување на опасните риби и истовремено да обезбедат заштита и од медузите.
„Нашата должност и примарна грижа мора да биде безбедноста на граѓаните. Превенцијата е секогаш подобра од лекувањето“, изјави заменик-градоначалникот на Халкида, Андонис Спанос.


