Познатата плажа Тафса на грчкиот остров Евија, која е едно од омилените места за младите туристи од регионот, воведува нови рестриктивни правила со цел заштита на природниот пејзаж и спречување на оштетување на животната средина, јавуваат локалните медиуми, а пренесува порталот Евима.

Надлежните органи појаснија дека слободното кампување на таа локација повеќе не е дозволено, бидејќи плажата се смета за област од посебно природно значење што бара строго управување со посетите.

Според информациите од грчките служби, неконтролираното присуство на посетители со шатори и опрема дополнително го оптовари подрачјето во изминатиот период, што сега наметнува потреба од зголемен надзор и контроли.

Инспекциите на терен веќе се во тек, а сите оние што нема да ги почитуваат новите правила ќе се соочат со сериозни парични казни.

Главната цел на овие мерки е да се ограничи човечкиот притисок врз животната средина и да се зачува карактерот на плажата. Локалните власти потсетуваат дека ова место е препознатливо по својата чиста вода и недопрена природа која привлекува илјадници гости, поради што заштитата сега е ставена како главен приоритет.

Exit mobile version