Земјоделците од северна Грција, од регионот на Пеонија, денеска кратко по 12 часот по локално време повторно го затворија граничниот премин Евзони кон Северна Македонија. Со ова, сообраќајот е целосно во прекин за сите возила, и за излез од Грција и за влез во земјата.

Непознато е колку долго ќе трае блокадата на Евзони, кој беше периодично затворен и вчера и завчера. Земјоделците ја одржуваат својата вообичаена пракса од изминатите години – не ги најавуваат блокадите – туку одлучуваат на дневни состаноци на колку време ќе го блокираат преминот, каде што се паркирани околу 150 трактори и земјоделски возила.

Земјоделците низ цела Грција имаат поставено блокади. Претпладнево се обидоа да стигнат и до граничниот премин Промахонас со Бугарија. Најголемиот протест е во областа Тесалија, каде што се вклучени над 4.000 трактори на неколку места на автопатот Солун-Атина.

Exit mobile version