Од денеска напладне, македонските гранични премини се под блокада на транспортерите кои протестираат против новиот систем за влез и излез на Европската Унија. Според информациите од АМСМ, сообраќајот за тешки товарни возила на излез од државата е во прекин на речиси сите клучни точки.

Точно во 12 часот започнаа блокадите на граничните премини Стар Дојран, Богородица и Меџитлија, а набрзо потоа, во 12:20 часот, сообраќајот беше запрен и на Ќафасан и Блато. Протести се одвиваат и на Деве Баир, Делчево и Ново Село. Кај граничниот премин Долно Блаце, поради собирот на превозниците, товарниот сообраќај се пренасочува уште кај бензинската пумпа Дизел.

Засега ограничувањата се однесуваат исклучиво на тешките товарни возила кои излегуваат од земјата, додека патничките автомобили и останатите категории возила се движат непречено.

Овој регионален отпор, во кој учествуваат и превозници од Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, е насочен против правилата на шенген-зоната. Транспортерите бараат итно решение за проблемот со евиденција на престојот, според кој професионалните возачи се третираат според правилото 90/180 дена, исто како и обичните туристи.

Протестот во сите четири држави почна во 12 часот за сите возила што излегуваат од државата, а за сите возила што ќе влегуваат, граничните премини се затвораат на полноќ. Целта е сите возачи што се враќаат дома да можат да влезат и да му се приклучат на протестот. Главното барање на превозниците е да се најде решение за престојот во шенген-зоната да не се евидентираат денови или да ни издаваат визи што не се лимитирани со број на денови, изјави Билјана Муратовска, генерален секретар на Макам-транс.

Според најавите, блокадата ќе трае седум дена, што според превозниците е неопходен притисок за да се избегне целосен колапс на транспортната индустрија и синџирот на снабдување во регионот.

Exit mobile version