Градоначалникот на Шуто Оризари организира протест во Скопје поради хаосот со јавниот превоз
Градоначалникот на скопската општина Шуто Оризари, Курто Дудуш ги повика сите граѓани да се приклучат на протестот в петок од 13 часот пред канцелариите на Град Скопје, поради хаосот со јавниот градски превоз.
„Со цел изразување на своето незадоволство од нефункционирањето на јавниот сообраќаен превоз, општина Шуто Оризари ги подржува своите граѓани во организација на голем сенароден протест на граѓаните на општина Шуто Оризари пред Градот Скопје и ги повикува сите граѓани на Скопје да се приклучат“, вели Дудуш.
Тој ги повика сите засегнати граѓани, ученици, студенти, работници и пензионери да бидат дел од протестот кој, како што вели „во моментов ни е крајно решение за да ни се реши проблемот со кој две години живееме во Шуто Оризари и Градот Скопје“.
„Очекуваме преку протестот да пренесеме пораката до градоначалничката на градот Скопје и до ЈСП дека граѓаните на општина Шуто Оризари и воопшто граѓаните на градот Скопје треба да добиваат услуги за кои плаќаат и дека нефункционирањето на јавниот превоз веќе втора година не само што влијае на влошување на економската состојба на граѓаните кои треба да користат приватен превоз туку влијае и на губење на нивните работни места поради нередовост на работа, отсуство од часови на ученици и непосета на лекари од страна на постарите и болните лица“, додава градоначалникот на Шуто Оризари.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа